Анте Сториќ

 

„На кришка тост мачкаш тенок слој сенф, фрлаш врз тоа парче гауда, па две зимски – по една да заврши во секој триаголник откако по тостирањето го сечеш на половина, ставаш мајонез колку што сакаш и го поклопуваш.“ Така гласи рецептот на чичко Јарко за најдобри тостови на светот. „Сенфот е клучен“, продолжи да ја открива проверената рецептура. Пијани, гладни како кучиња, ја голтаме плунката и зјапаме во тостерот исчекувајќи го крајот на тостирањето. Бувел и јас. Бевме неразделни тоа лето, кое поради матурата почна уште во средината на мај. Нѐ будат пладневните кафиња во Pomidore, нѐ разладуваат попладневните капења под Морињскиот мост, ноќе бесцелно скитаме по Доца; така во круг. До спиење, висиме пред металниот киоск на Јарко и, сјајни од пот, ја рефлектираме сината светлина на неонскиот натпис фаст фуд, без врска беснееме додека ја вдишуваме смрдеата на манганот што допира од блиската фабрика. Некогаш Бувел и јас од минувачите бесрамно гребевме пари, за секого по тост и лименка пиво. Кога немавме, Јарко ќе нѐ почестеше. „Еве, за моите момци“, ни вели и подава тостови. Гласно го дробиме крцкавиот леб, го мласкаме секој залак. И мене и на Бувел ни се допаѓа Ана, ученичка во трета година од квартот. Мислевме дека немаме шанси зашто имаше свои симпатии меѓу акциските филмски ѕвезди од 80-тите, во распон од Долф Лундгрен до Ерик Робертс. На Бувел му одеше во прилог тоа што донекаде личеше на Мајкл Дудикоф од Американска нинџа, но беше премногу неспособен за да го направи првиот чекор. Ни јас не бев многу подобар. Еднаш речиси ѝ ја ставив раката на подлактицата. Мислам дека ги насетуваше нашите желби и ја читаше нашата несмасност. Поради неа основавме бенд, ја викавме да дојде во гаражата на Бувел и да ни биде вокал. И дојде. Бувел преку една канта од Јупол натегна овча кожа и ја зацврсти со жица, преку друга излепи селотејп, капаците од тенџерињата беа чинели, јас ја донесов акустичната гитара на вујко ми, Ана празната Цедевита ја наполни со ориз, со неа шушкаше и потпевнуваше. Бевме добри, ми се чинеше. Симнав рифови од Рамонси, Пиксис, Клеш, па вежбавме до изнемоштеност. Бувел ја донесе VHS-камерата од татко му, па се кривевме пред објективот, свиревме, се глупиравме, се киневме од смеење. Додека седевме на скршената фотелја на која беа потпрени правливите велосипеди, ѝ ја ставив на Ана раката на бедрото. Не се бунеше. Таа вечер ја испратив до местото на разделување на нашите улици. Долго се бакнувавме, ме болеа вилиците.

Секојдневно имавме проби до ручекот, а потоа на капење. Понекогаш Ана и јас ќе се осамевме, ќе се искрадевме во боровата шума зад бунгаловите. Тука единствените шорцеви за капење неповратно ги уништив со смола, иако истовремено, како што би рекле во американските филмови, дојдов до втората база. Навечер сите тројца денгубевме пред киоскот на Јарко.

 

Знаев под кој камен е скриен клучот од гаражата, па јас и Ана ќе подраневме на проба, да бидеме насамо. Бувел нѐ спречи со отворањето на чкрипавата, тешка железна врата. Ана стана од мене и се потпре на ѕидот. Со тетратката со партитури и текстови од песните ја покривам ерекцијата. Бувел седна на импровизираните тапани и чешајќи се со палката по тилот, предложи: „Ајде некоја патриотска.“

„Каква патриотска, ние сме панк-рок“, велам.

„Ајде да ја направиме онаа, Стани, бане панк-верзија.“

„Ама тоа се коси со панк-филозофијата“, вели Ана. Се согласувам.

„Ајде тогаш, што знам, рок-верзија.“ Тропа по кантите и вреска со навивачки глас: „uuu-sta-niii baaa-neee hr-va-tska te zoo-vee zoo-veee…“[1] Ана и јас се гледаме во чудо. Бувел почнува да го импровизира текстот, мелодијата, спомнува колење четници и Срби на врби. Ана стана сериозна. „Одам дома… Мајка ми веќе ме викна на ручек“, рече и си замина. Го гледам Бувел, молчи и струга со палката по затегнатиот селотејп.

„Нејзините на Ана се од Панчево“, велам.

„Што ме боли кур. Багра трофазна.“

„Од кога си толкаво Хрватиште?“

„Од кога си ти толкав Србин?“

„Кој кур ти е?“

„Ај, еби се, и ти и твојата четничка.“

Се залетувам во него. Го туркам во ѕидот. Изгуби рамнотежа, се сопна преку велосипедот и падна на подот. Излегов надвор.

„Дали ќе прдиш така кога брадестите ќе ти дојдат дома?“, го чув на заминување.

 

Не стигнав до третата база: Ана се пресели кај роднините во Панчево. Наесен се преселив во Загреб на студии. Успеавме некое време да одржуваме контакт со писма. Пишуваше дека спие со две братучетки во соба, дека едната чкрипи со забите, дека ќе збесне, дека ѝ фали нејзиниот кревет на Његошева, дека мисли да се запише на Биолошкиот факултет во Белград, но дека нејзините сега немаат пари за тоа, дека работи само татко ѝ, дека ќе види што ќе прави, дека некој со автолак на шофершајбната на кирилица им напишал „усташи“.

Ѝ пишав дека паднав на колоквиумот, дека не знам дали ќе продолжам да студирам, дека во мензата купувам јогурт и пудинг, па кога не ми се оди до мензата со денови јадам само леб, јогурт и пудинг за десерт, дека цимерот не знае да пушти вода по себе, дека напушени на телевизија гледавме снимки од разурнатиот Шибеник, дека додека гледам преку екранот имам чувство дека војната се случува којзнае каде. Ѝ пишав дека ми фали. Нејзиното следно писмо не го добив. Со текот на времето, сеќавањето на Ана се излити до непрепознатливост. Како и многу тинејџерски симпатии, истисната е од новите љубовни искуства.

За зимските празници, под закрила на ноќта по околните патишта, стигнав со автобус во Шибеник. Беше замрачено и моите ме дочекаа будни, и двајцата ме прегрнуваа. Беше тоа еден од ретките мигови кога татко ми воопшто ме прегрнува. На ѕидот во ходникот, покрај гоблените и чиниите насликани со цвеќе, ја забележав и новопоставената таписерија со национални обележја. Додека над печката на дрва ставаше јајца и колбаси во зовриената вода, мајка ми рече: „Маријан те бараше. Прашува кога ќе стигнеш.“

По вечерата, му тропнав неколку пати на капаците од прозорците. Бувел ги отвори и ѕирна, ми даде знак со раката да влезам. Облечен во маскирна униформа, беше неверојатно разговорлив, а зениците во неговите светли очи речиси ги немаше. Вели дека од чизмите има плускавци, а кога ќе стави два пара чорапи е океј; вели дека со маркер на гранатите ги пишувале имињата на генералите на ЈНА, дека повраќа покрај засмрдените кравји полутки…

„Ајде до кај Јарко на пиво“, велам.

„Затворен е.“

„Од кога?“

„ Па зарем уште да нѐ труе со оној негов четнички бучкуруш.“

„Да му ебам мајката, Бува, што ти е?“

„Што е, Ганди? Демек студираш таму и немаш поим што се случува.“

„Па каква врска има Јарко со тоа?“

„Неговите и го зготвија ова.“

 

Чичко Јарко всушност беше Рајко, постар човек кој со сопругата отсекогаш живееше спроти нас. Бувел како дете погрешно му го изговараше името, така што во интерна употреба секогаш ни остана Јарко. Секогаш расположен за разговор, услужлив, и покрај својот метален киоск. Кога бев прво одделение, мајка ми и мене во својата пегличка нѐ однесе до автобуската станица; во друга пригода ми купи и двоен Ц и ми рече: „Мора да пиеш витамини, да ни станеш одличен ученик!“

 

Бувел донесе некое домашно вино, пиеме. Вели дека уште утре е тука, дека се враќа на првата линија. На ѕидот под прозорецот е потпрен калашников. Ја дофати пушката, ми покажа како репетира, како се става шаржерот, како се пука. Прилично сум пијан, осоколен за поставување директни прашања.

„Пукаше?“

„Да.“

„Погоди?“

„Да.“

„Уби?“

„Немој да ме прашуваш тоа.“

Во средината на јануари се вратив на факултетот во Загреб и наредните месеци живеев една од верзиите на студентски живот: станување доцна, премалку учење, премногу алкохолизирање, голем број посети на мрачни, зачадени и заглушувачки простори… Помина скоро година.

Наутро ме разбуди телефонот. Мајка ми.

„Е?“, чекав да каже нешто.

„Маријан… загина.“

Нозете ми се пресекоа. Гледав во календарот над телефонот и полусвесно ги броев напред-назад деновите на декември. Отидов до кујната, зедов шише од одвратната ракија на цимерот и набрзина пиев. „Дебилу низаеден“, зборував низ солзи.

 

Вечерта по погребот забележав некаква кеса на масата во собата. Погледнав во неа: VHS-касета. Со ракописот на Бувел пишува „лето“.

Ја затворам вратата од собата, ставам во плеерот, стиснувам play. На екранот се појавија снимки од нашата прва проба: летен ден, правиме гримаси во камерата, свириме, се кривиме, добро расположени. Бувел, Ана и јас. Во еден миг, преку видеозаписот на чиста среќа, со стандардна VHS-транзиција, се појавува ноќен запис, исто така снимен во гаражата.

Со раскрвавено лице вели: „Немојте, луѓе, што ви е.“

Татко му на Бувел му вели: „Пиј, јунаку!“ Во устата му налева течност од акумулаторот.

Јарко се засркнува со болно лелекање. „Немојте, луѓе“, вели.

Ја гасам касетата.

Повторно ја вклучувам.

Во кадарот влегува Бувел. Му удира на Јарко шлаканица со калашниковот.

Главата на Јарко му се свртува, потоа со целото тело се испружува на подот.

Бувел го тресе со ногата, прашува дали е мртов, го погледнува татко му, па го удира со ногата во пределот на слезината.

Јарко почнува гласно да лелека.

Бувел испукува рафал во човекот.

„Гаси! Гаси ја камер…“

Зјапам во снегот на празниот дел од касетата.

 

Во рефлексијата на екранот, го гледам татко ми како гледа низ подзатворената врата. Се свртувам кон него. „Фрли го тоа во печката“, вели.

Го оттурнувам. Ги кршам насликаните чинии на ѕидот во ходникот, ја вадам таписеријата, ја фрлам на подот, ја газам. Ја оттурнувам мајка ми, истрчувам од дома.

Тапкајќи низ мракот се довлечкувам до киоскот, задишан седнувам и палам цигара.

Не се сеќавам точно за што сѐ размислував, ниту дали бев свесен дека ниеден иден вкус на сенф нема да помине без несакани сеќавања.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

[1] „Стани, бане, Хрватска те вика“, хрватска патриотска песна напишана од Огњеслав Утјешиновиќ Острожински, заб. прев.

 

 

  Анте Сториќ

Анте Сториќ е роден во Шибеник, каде што живее и работи. Дипломирал на Академијата за драмска уметност во Загреб. Автор е на десетина музички спотови, кратки филмови и еден документарен филм. Еден краток расказ му е објавен во зборникот "Се зборува по градот".
Контакт: ante.storic@gmail.com

 

ажуриран: 02/03/20