Стомакот на еден библиотекар

 

Ана Кнежевиќ

 

 

„Хамза, отвори! Хамза, отвори, јас сум, Петар комшијата! Хамза, фрлија граната врз библиотеката, изгоре Вечница…“

„Кога?“, викнав од кујната.

„Пред три дена… Хамза, велат дека изгорел внатре и другар ти, оној улавиот!“

„Што?! Не е можно, библиотеката не работи, никој не бил внатре со месеци!“

„Не знам, Хамза, војна е, сешто зборат луѓето… бев вчера до чаршијата, делеа оброци, таму беше и Адиљ. Ми рече да ти пренесам дека Амар исчезнал, никој не го видел од пожарот.“

Амар. Да не му ја затвореа библиотеката, немаше да забележи дека почнала војна. Беше во право за сè, целиот тој ладен презир, решителноста  да не  учествува во сево ова. Уште од мал знаеше. Знаеше дека сето ова е само фарса. На училиште само молчеше, не одговараше на ниедно прашање, не ги решаваше тестовите. Наставниците не знаеја како да се справат со него. Беа вознемирени од рамнодушниот поглед со кој ги гледаше додека тие викаа и скокаа околу него. „Амар улавиот. Амар копилето. Амар, Амар, има татковци сто…“, довикуваа сите кога ќе влезеше во класот. Ваквите шеги на децата беа поттикнувани од нивните мајки, бидејќи ако имаше некој кој го мразеше Амар, тоа беа мајките. Секоја од нив потајно во себеси се плашеше дека можеби Амар е таен син на нејзиниот сопруг.

„И уште нешто, Хамза, пази каде одиш, цел град е претворен во снајперски сокак.“

„Фала ти, Петар, чувај се.“

Морам да излезам и да го побарам. Ама каде?! Не е дома, не е во библиотеката… толку се местата на кои се одвива неговиот живот… Изгорела библиотеката?! Изгоревме и ние.  Амар не беше во Вечница само кога ќе се сретнеше со мене во чаршијата кај Адиљ. Освен јас, никој  друг не знаеше дека Амар всушност е многу разговорлив. Се среќававме секое пладне, тој доаѓаше, пиеше по неколку кафиња едно по друго и раскажуваше за  ликовите за кои читал. За него не постоеја луѓе, само книжевни ликови. Не постоеја времиња и простори во светот, туку само таму во книгите. Живееше во книгите, а не во светот, уште долго време пред да ја открие Вечница. Еден од редовните муштерии на мајка му беше познат писател од нашиот град. Кога бевме второ одделение, тој најверојатно поради чувство на вина, започна секоја недела кога ја посетуваше мајка му, да му носи книги. Амар доаѓаше на училиште, ја отвораше книгата и читаше од првиот до последниот час.  Ако ја прочиташе, наредниот ден повторно седнуваше во клупата, ја отвораше и ја читаше одново, и така сè додека не му донесеше пријателот на мајка му нова. Седев до него. Кога беше здодевно на часовите, тој не зборуваше, па немав како да се забавувам, освен и јас да читам со него. Така и почнав да читам. Ако нешто  научив на училиште, беше од тие книги. Клиентот на мајка му, сигурно импресиониран од интересот на момчето, почна да му носи по неколку книги, и така Амар имаше што да прави секој час, а со него и јас. Наставниците се откажаа од него и од идејата да го превоспитаат. Еднаш ги чув како во ходникот зборуваа: „Каков татко, таков син“, и се смееја на глас. Бев мал и не знаев како да си го објаснам тоа тогаш, но знаев дека учам нешто важно од чудните и неразбирливи книги на Амар. Имав чувство дека нешто му должам. Кога имавме тест, откога ќе го завршев мојот, набрзина го решавав и неговиот. Па така Амар без да прозбори ни еден збор во осум години основно образование успеа да пројде низ годините, без да повторува.

 

Денот кога Амар првпат ми прозбори беше мај и имавме 14 години. Првпат дојде без книга на училиште. Тоа беше и еден од ретките денови кои не ги помина во читање.

„Мајка ми ме напушти“, рече.

Остана сосем сам. На мајките им се допадна оваа нова улога на спасителки, па му носеа храна. Беше како спобудален првите недели, се вртеше лево десно, се чешаше, мавташе со нозете, не можеше да трпи да ја држи главата крената да гледа во наставниците и да ги слуша учениците.

Тогаш и почна да ми се обраќа, доаѓаше на училиште и ќе ми речеше:„ Хамза, како си? Ајде раскажи ми нешто за себе“.

По некое време Амар ја откри Вечница. Се будеше, излегуваше од дома, поминуваше по истата патека, влегуваше во Вечница и излегуваше на полноќ, и така секој ден. Престана да оди на училиште и не се запиша во средно. По некое време луѓето во библиотеката решија да го вработат.

Јас се запишав во гимназија и тие години за мене беа неподносливо здодевни. Ги препрочитав некои од книгите кои ги читавме заедно со Амар. Не го побарав, но мислев многу на него и на тие книги. Кога дојде време за упис на студии, се запишав на филозофија.

Во прва година на студии отидов до Вечница, знаев дека ќе го видам. Застанав на пултот и реков: „Ја имате ли „Чума“ од Алберт Ками?“ Ја крена главата, беше облечен во темно сино. Не можев да верувам, за момент помислив дека ја гледам Иванка, мајка му, жената чија убавина и начин на живот, долги години откога си замина, останаа тема која го тресеше Сараево. Истиот кршлив бел тен на кој темните очи добиваат виолетов сјај.

„Амар, како си? Одамна не сме се виделе.“

„Хамза, ти ли си?“

Првпат гледав насмевка на неговото лице. Морав да погледнам настрана, не можев да го издржам интензитетот на неговиот поглед. Потоа сфатив дека тоа беше редок момент. Амар беше престанал да ги гледа луѓето во очи, ни толку од себеси не сакаше да им даде.

„Да, ја имаме „Чума“ од Ками.“

„Ќе ја земам. Амар, сакаш ли да пиеме кафе во чаршијата?“

Како првпат да слушаше нешто вакво. Молчеше и ја бараше меѓу рафтовите „Чума“.

„Да, би сакал. Напладне кога ќе завршам со работа.“

Оттогаш сè додека пред неколку месеци не почна војната, секој ден се среќававме во чаршијата кај Адиљ и пиевме кафе по кафе, секој ден два саати, по кои Амар повторно се враќаше во Вечница. Често ќе ме сопреше некој во чаршијата и ќе ме потпрашуваше за синот на Иванка, кој толку личеше на неа. Амар не престана да ги вознемирува сите со својата незаинтересираност. Освен со мене, единствените луѓе со кои разговараше беа оние кои доаѓаа во библиотеката и тоа со нив зборуваше само во врска со книгите кои тие ги бараа. Луѓето мислеа дека е чуден, улав, дека е писател. Амар не беше толку плиток, не беше како мене. Тој не читаше за да стане писател. Читаше за да чита. Читаше за да ги избегне луѓето, за да го заобиколи животот.

 

Веќе две недели го нема никаде. Излегувам секој ден рано наутро, претрчувам од дома до чаршијата, со надеж дека ќе го сретнам. Претрчувам. Во овој град откога почна војната, веќе никој не оди, сите само го претрчуваме. Адиљ ми кажа дека ноќта кога паднала гранатата врз Вечница, прв се појавил Амар. Трчал од врата до врата, лупал, тропал, полнел кофи со вода од чаршијата и ја гаснел библиотеката. Така со саати, без престан. Потоа дошле пожарникарите, ги зел цревата со вода, влегувал во оган, гаснел таму каде никој немал храброст да оди. На изгрејсонце веќе било јасно дека ништо не било спасено. Седнал внатре во црната библиотека и плачел. Сигурно првпат. Оттогаш никој го нема видено.

„Хамза, Петар е… Велат дека се појавил Амар, дома бил.“

„Што?! Кој ти кажа?“

„Филип, братучед ми, што живее во неговата зграда.“

Не ги ни погледнав превртените автобуси, не ни помислив на куршуми, истрчав веднаш до неговиот стан. Затропав со малку страв, се прашував каков ќе биде. Ми олесни кога ми рече: „Хамза, како си?“ И ме покани да влезам. Не ја спомена Вечница, не ја споменував ни јас. Бев среќен, ми изгледаше сосем добро. Седевме кај него во станот и разговаравме како и секогаш за книги. За момент немаше снајпери, немаше мртви, бевме во чаршијата, во дуќанот кај Адиљ, пиевме турско кафе, чаршијата весело врвеше, сонцето печеше, а ние зборевме ли зборевме за некој книжевен лик како да е жив човек од месо и крв, кој го познаваме и проаѓа во тој момент покрај нас.

 

„Гладен ли си Хамза?“, ме праша по некое време.

„Па да, да… баш би сакал нешто да јадам.“

„Ајде, имам зготвено чорба“, рече и влезе во кујната.

Донесе од кујната и стави на масата едно големо тенџере. Стави две чинии, една за него, една пред мене.

„Амар, а каде ти се книгите? Гледам веќе не ти се во собава.“

„Па, да, ги преместив во кујната пред неколку дена, ми се чини дека таму им е местото“, рече и стави чорба во мојата и неговата чинија.

„Па, да, да, зошто да не, секоја промена е убава…“, реков јас и гледајќи како тој веќе ја срка чорбата, посегнав и јас по лажицата.

„Амар! Што е ова??!! Ова се парчиња од  страници… Ова се  книги со вода… Ова е чорба од книг… Престани да ја  јадеш!!!“

„И тоа чорба подготвена единствено од состојки од автори Хрвати, Срби и Босанци. Популарен специјалитет во рестораните на Западот“, рече  смирено.

Првпат го чув да изговори нешто такво.

Неколку години се среќаваме во чаршијата, пиеме кафе по кафе, разговараме  до неподносливост, а првпат ги слушнав од неговата уста зборовите Хрват, Србин, Босанец, така што ми се пристори како и јас да ги слушам првпат…

„Амар, какви Срби какви Хрвати, човеку, јадеш чорба од книги!“

Потоа можев само да молчам. И со солзи толку тврди што не сакаа ни да потечат, го гледав како лажица по лажица, страница по страница, ја срка чорбата. Кога заврши, ја излижа чинијата на која беше останато уште некое парче, ја зеде кутлачата, си тури нова порција и ме праша како сме по дома.

Ми се тресеа рацете, не можев да поднесам да го гледам таков.

„Амар, јас одам“, реков.

„Дојди во петок, рече, приготвувам нешто посебно во петок, чорба со илустрации од југословенски мапи.“

Наоѓав храброст да одам до дуќан во снајперскиот сокак за да купам леб за цела зграда, но не можев да се соберам со месеци и да одам повторно  да го видам.

По неколку месеци ми јавија дека Амар починал, му нашле топка од хартија во стомакот. Лекарите беа збунети, јас не бев. Знаев дека во неговиот стомак Срби, Хрвати и Босанци седат заедно на иста маса.