Индигото на бесот

 

Јована Матевска

 

 

Има ноќи кога сонувам како од раце ми се откинува и бега од мене. Трча ли, трча со калчуните кои зимата 1983 му ги сплетив. Мајчино срце гние кога и чедо ќе ѝ споменат. А моето под земјата години скапува. Не ми дадоа да го видам за последно. Ќиурот и еден човек можеше да го крене. Толку од таа снага Карпошова душманите оставија.

Оттогаш, па натаму живеам без живот, дишам на шкрги, инхалирам безволие. Досега ќе си пресудев со оваа рака која понекогаш знаеше да го плесне немиркото. Ама што да правам? Во истата колепка две деца израснав. Морам да се крепам за второво.

 

**

Кога лелеците на мајка ми станаа маалска химна и го разбудија дури Андон бекријата, ги оставив пиштолите сè додека пластиката од старост не се распука. Повеќе не бев дете. На мајка косата преку ноќ, таа августовска ноќ, ѝ побеле, а јас идното утро се разбудив десет години повозрасен. Растев без татко и ТОЈ беше мојата фреска за стравопочит. Со сините митралези во капаците, ретките мустаци и наредничкиот глас во мутација, чија пискавост почесто изнудуваше смеа кај мене, отколку покорност.

Не требаше да го оставам да замине. Ниту да играм „камај“ со него и да го принудувам да гледаме вестерн филмови. Како ова слепо црево, тој ден пред да замине, низ стомаков не прогледа?

Светка небесниот свод. Се плашам дури и кога грми. Кога огнометите на некоја манифестација распалуваат и ноќта ја отвораат. Се плашам зашто знам дека и тој пред очи за навек да склопи гледал пиротехнички дебакл. Иако тој, мојот брат Јорде, беше и засекогаш ќе остане јунак. Во срцево му дигнав приватна надгробна плоча. Го изгравирав споменот за него.

 

**

Знаев дека по кукавичката заседа во Карпалак не смеам да се здружам со гневот. Гледав како под површината зад зениците на Бојан плута омразата. Се тае. Ноќе го слушам како блада, на семејната фотографија од наткасната поспано ѝ зборува, некогаш и вриска, срцето мое отрпнало, ама уште електрошокови и по негов скршен нокт го дрмаат.

Вчера Алберт ме поздрави во драгсторот. Не му вратив. Ги исчкртав сите броеви на моите познаници Албанци. Не сакам очи мои нивни расни карактеристики да восприемат.

Ах, што правам? Бојан таа моја беда фашистичка ја пресликува. Јас сум индигото на бесот.

 

**

Чекам на автобуската станица и зјапам во некролозите. Се присеќавам на Јордевиот. На почесната стрелба на погребот. Уши затнував како што сега ги затнувам кога нечистите во премин зборуваат. Ја зајмив „Meine Kaumf“ oд Хитлер. И јас почнувам своја. Ќе ги истребам сите црни раски ориз од албанско потекло. Ете. Еден нивни, очигледно судејќи според физиономијата која толку добро ја имам простудирано, доаѓа накај мене. Караулата во глава издава наредба на тупаниците. Чуварите на мојата чест!

 

**

Вчера го донесоа Бојан со полиција до дома. Скината аркада и крвава кошула, иако крвавата кошула треба на полиците да почива, крај останатите книги.

„Госпоѓо, вашиот син беше уапсен бидејќи иницираше тепачка.“

Сакав во значката да го плукнам и да залаам, „лажеш, па тој на мравка не би згазнал“, но молкнав. Бојан по смртта на Јорде, крстен по нашиот предок Јордан Пиперката, стана нацистичка аждаја. Кога-тогаш бев свесна дека жичките ќе му се спојат и куршлуз ќе избие. Јас сум виновна. Омразата одмазда повлекува. Затоа и зборовите се близнаци, ги одделува една буква.

 

**

Лежам вечерта и по санираната повреда, фластерот на мојата веѓа, превозот до дома во полициско комбе, се смешкам горделиво. Потоа егзибиционистички се присеќам на тепачката. На моите нокаути врз тие пегави јаболчници, ко двоглавиот му орел да станал абрашеста кобила. А богами му дадов и убава црвена позадина каде орелот ќе му слета. На клоците и тоа како се туткаше под челичниот шпиц, небаре црв на вжештен асфалт. Офкањата. Не даде никаков отпор додека го ќофтав. Аркадата ја скинав кога полицијата ме тресна на хауба.

И додека срцето ми се полнеше со гордост, метеорски дожд од мисли ми наврна на памет. Офкањата и на македонски и на албански исто звучат. Исто како болката.

 

**

Татко ми ги исполнуваше критериумите за мобилизација во војската. Липав, негодував, молев. Залудно. Мојот обид за татково дезертирање отиде јабана кога единствениот син на Лозевци, Андреј, загина во Вејце. Имаше едвај дваесет години. Нешто во татко ми се развиори. Мислам дека орозот на оваа одлука беа солзите кои можеа сите стомни во селото да ги наполнат, брчките долги колку бории на посивеното лице на Лозана, залутаниот поглед на Лознан скиташе по синилото небаре лови гулаби писмоносци.

Беше племенит човек. Се приклучи на армијата и нè остави мене и мајка ми, иако претходно ние бевме кочницата. Но војната не прашува каков си и кој зад себе далеку од фронтот си оставил. Куршумот не ја избегнува племенитоста, патува по траекторија создадена од тој кој го испукал.

Загина на 8 август на Карпалак. И самиот беше карпа човек. Се предаде. Го понуди своето тело како мамец, да го исчисти презимето што не се разобличило по принципот на македонските. По смртта име не му споменаа, ниту чествуваа како доликуваше за бранител. Веројатно беше контрадикторно за етничката политика која секоја земја, гулаш од националности, ја води. Соседите во меѓувреме почнаа да нагодуваат со рафал претпоставки, татко ми бил кодош, прикриен терорист. Можам да замислам колку омраза собрале преткоморите на Лозана и каква лава црнките на нејзиниот сопруг еруптираа. Не им требаше долго да се обединат во болката, повеќе да наштетат некому додека сплотеноста им е чадор за ваквиот изговор. Се дигнаа на бунт. Но кој да разбере. Бесот заслепува и со останатите рефлекси предводи.

Бевме единствени Албанци во селото. Толку се сплотивме со заедницата, што повеќе се радувавме за Велигден, одошто го прославувавме Бајрам. Тензијата речиси и не се чувствуваше и покрај нашите разлики. Ист ѕвезден свод ни покриваше глави, а Македонците се нација на која како 7/8-ски такт од музичките петолинија да им скокнал во плуќата. Татко ми беше Македонец. Не на хартија, но во душа. Загина за македонската кауза.

Денот кога последно бев во родното место го паметам ко вчерашен. Галон селани во галоп ја сардисаа нашата куќа. „Шиптари!“ – скандираа. Извиците ги тресеа стаклата, ушните ресички танцуваа под тактот на стравот. Северџан, млекарот, Сара од бакалницата, дури и Дејан, мојот најверен другар. Клинот со клин се избива, па почнаа да ги коваат прозорците, на фасадата со боја за варосување испишуваа „смрт“ и „убијци“. Мајка ми ме фати за раменици и во сиот хаос, избезумена се обиде да ме вразуми. Знаев дека тоа ѝ беа последните зборови.

„Ќе бегаш, сине. Колку нозе те држат. Човечкиот бес е полош и од бесната кашлица на природата. Луѓето ќе зборуваат. Тоа на сите нѝ е дадено, без разлика каква генетика на потекло носиме. Ама не заборавај. Исти сме на оној, сè уште недопрен свет“, ме тапна по плешката и тоа тапнување уште ме боли кога времето се менува и спомени се навраќаат.

Трчав како Дејан во Андреевиот „Tунел“ и сам заграден во тунелот на етнички конфликти, жигосан зашто сум Албанец, осакатени зашто се Македонци. Знаев и дека тетка Деса не сакаше да го фрли чкорчето по кое кровот на мојата куќа вивна, исто како што и татко ми не се согласуваше со целите на паравоените групации. Не претпочиташе Голема Албанија, сè додека македонските полиња со пченица му нудеа корка леб. Плачеше кога ја разнесоа пепелта на Андреј, на истото место каде за првпат го научи да вози велосипед. Летото 2001 беше Илинден 1903. Модифициран. И да, сите се бореа да го одбранат ова парче земја од непријателот, неминовно што тој непријател ја носи мојата расна ДНК.

Ќе трпам удари, моето постоење ќе биде черга на сечии импулси, како оној во средата на автобуската станица. Но мојот глас ќе ги надгласи останатите, ќе се извие над орелот и ќе го преземе царското место на лавот. Но сè додека некој е индиго на бесот, јас ќе бидам мултифункционална гума која трагите ќе ги брише. Ќе ја пигментирам тенката црта меѓу мене и нив.Со добрините што ќе ги издишувам и кога од речникот за навек ќе ја исфрлам сегрегацијата, заменките кои не одделуваат.

Мене. Од Вас.

 

Карпалак 2001

Со бројаницата во рака насетуваше дека нешто им претстои, злокоба будно ги демнеше. Желудникот се згужвал и претчувствата ко бинго топчиња се креваа низ дишникот. Останатите резервисти не ја споделуваа истата агоничност. За да ја потисне вознемиреноста, размислуваше што да му подари на Бојан кога ќе се врати. Филм со Џон Вејн. Му беше заколнат обожавател до гроб.

09.27. Го потчукна часовникот. Секундарникот запрел. Одеднаш и камионот запре. Одекнаа татнежи и војниците се дигнаа на нозе. Паднаа во заседа. Конвојот беше мета на поганите мозоци на нискоинтелигентни сепаратисти, жедни својата машкост да ја покажат преку доменот на силата.

„Нападнати сме! Давај отпор!“, нареди полковникот. Јорде ги проследи паничните гримаси на сопатниците. Ова беше затворена јама и немаше излез. Можеби подобро да му подари велосипед брзинец. Исплашените срнести очи шараа по внатрешноста на камионот. Шпетим го забележа крајот што зазоруваше во црнките на момчето. Татковскиот инстинкт го совлада пред ракетниот фрлач да го стори истото. Единствениот Албанец во камионот го прегрна со слабичкиот труп…