Бибер: Вести

 

23. 10. 2017.

Соопштение за јавност за завршетокот на вториот Бибер конкурс

 

Вториот Бибер конкурс за краток расказ на тема помирување е завршен. Жирито во состав Татјана Громача, Ким Мехмети и Фарук Шехиќ донесе одлука за награди и направи селекција на раскази кои ќе бидат објавени во повеќејазична збирка.

Наградени се следните раскази:
Трета награда: “Семејството на чичко Аки”, на Анушка Цветковска од Скопје,
Втора награда: “Чичко Зав”, на Џенета Ровчанин од Сараево и
Прва награда: “Јадат луѓе и без нозе”, на Милица Вучковиќ од Белград.

Во збирката, покрај наградените ќе бидат објавени уште 22 раскази на следните автори и авторки: Адам Пакаи, Африм Демири, Ана Кнежевиќ, Андреа Попов Милетиќ, Анела Илијаш, Благица Ѓорѓиевска, Данило Лучиќ, Драгиќ Цвјетиновиќ, Едис Галуши, Јасна Радуловиќ, Јована Матевска, Лејла Каламујиќ, Марјета Ѓока, Мехмет Елези, Милан Воркапиќ, Немања Раичевиќ, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Сања Радуловиќ, Срѓан Гагиќ, Тања Јаворина, Верче Карафилоска и Вериме Зимбери-Белули.

Повеќе за одлуката на жирито можете да прочитате во соопштението за јавност во прилог.

На конкурсот пристигнаа 385 раскази. Тоа е речиси 20% повеќе раскази отколку што пристигнаа за првиот конкурс Бибер, што многу не радува. Им благодариме на сите автори и авторки кои пишуваа и ги испратија своите раскази на оваа многу комплексна тема и со тоа придонесоа овој конкурс да расте и да се развива.

Повеќејазична збирка раскази очекуваме да излезе од печат до март 2018 година. А во меѓувреме ќе се трудиме да се случи и Бибер 03, за што благовремено ќе ве известиме.

Им честитаме на сите чии раскази ќе бидат објавени во збирката, а особено на добитниците/чките на наградите.

 

Бибер тим
Ана Битољану
Даворка Турк
Ивана Франовиќ
Катарина Милиќевиќ
Сафет Балажи

 

Образложение на жирито, конкурс за краток расказ на тема Помирување

 

Нашето трочлено жири едногласно одлучи дека првата награда на нашиот конкурс организиран од Центарот за ненасилна акција, конкурс за кратки раскази на тема “Помирување”, биде доделена на расказот ” Јадат луѓе и без нозе”. Среќни сме што оваа одлука беше донесена лесно и брзо, бидејќи сите тројца имавме заедничко мислење дека се работи за сликовит расказ, со мошне пластичен јазик кој допира некои важни места на југословенската прозна традиција, расказ во кој среќно се споени хумор, топлина, душевност, љубов кон човекот, но на начин стилски свеж, интересен и игрив.

Втората награда одлучивме да ја доделиме на расказот “Чичко Зав”, расказ со силен емотивен набој, литерарно освестен поетски јазик, кој на потресен начин ја опфаќа темата помирување, а третата награда ја доделивме на расказот “Семејството на чичко Аки “, расказ кој во себе спојува ведрина и тага, славје и радост поради можностите за среќен, шаренолик соживот на различностите, и резигнација и тага заради неможноста на трајна, вистинска егзистенција во таква атмосфера.

Жирито сака да им се заблагодари на сите учесници на конкурсот, на сите кои се почувствуваа повикани да одговорат на поканата да напишат расказ на тема “Помирување”. Според нашите заеднички впечатоци и критериуми, со различностите кои исто така сакавме да ги усогласиме и почитуваме, избравме уште дваесет и еден расказ, кој секој на свој начин остава одреден литературен впечаток. Сепак, позитивната намера како таква, но и одреден квалитет и потенцијал присутни се во сите текстови, а овој конкурс е само поттик и вид на поддршка за сите оние кои одговориле а кои сакаат да продолжат да се бават со книжевна работа.

Во Белград, во ЦНА, 16 октомври 2017 година.

Татјана Громача
Ким Мехмети
Фарук Шехиќ

 

 


 

18. 01. 2017.

Со задоволство ве известуваме за отворањето на вториот регионален конкурс за краток расказ – Бибер. Темата на конкурсот е помирување во контекст на наследството од војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, особено во периодот 1991-2001 година. Ги повикуваме сите автори и авторки кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик да ги испратат своите раскази. Повикот се однесува на афирмирани автори и авторки, како и на оние кои досега немаат објавувано.

Конкурсот е отворен до 14. 06. 2017. година.

Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди:
1. награда 800 евра
2. награда 600 евра
3. награда 400 евра

Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.

Жири-комисијата ја сочинуваат Татјана Громача, Фарук Шехиќ и Ким Мехмети. Конкурсот го организира тимот на Бибер во соработка со Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.

Одлуката на жири-комисијата ќе биде објавена до 30. 10. 2017. година. (Процесот на донесување на одлуката трае релативно долго поради потребата од превод на голем број од расказите).

 

За темата

Помирувањето не е популарен термин, бидејќи најчесто се поистоветува со концептот на простување или со идејата дека сè треба да заборавиме и да се свртиме кон иднината. Длабоко веруваме дека е невозможно да се заборави ужасот на загубата, патењето и неправдата која луѓето ја имаат претрпено.
Меѓутоа, доколку помирувањето го разбереме како откажување од омразата, како барање начин да се дојде до правда, но така што во тоа барање на другиот да не се врши неправда, како шанса да изградиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите, тогаш сметаме дека е тоа нешто што нам ни е и повеќе од потребно. Затоа сакаме да ги повикаме авторите и авторките да размислуваат за помирувањето на еден нов и креативен начин и да нè инспирираат со раскази кои ги надминуваат постоечките предрасуди и вкоренетите непријателства, раскази кои ги поместуваат границите. И можеби на тој начин го дадат потребниот поттик на нашите општества.

 


Ве молиме за овој конкурс да ги известите сите кои сметате дека би биле заинтересирани.

Со задоволство ги очекуваме вашите раскази!

Тимот на Бибер и Центарот за ненасилна акција
biber@nenasilje.org


 

 

Правила и услови на конкурсот

 

  1. Пријавувањето на конкурсот се врши исклучиво по електронски пат.
  2. Темата на конкурсот е помирувањето по војните во пост-југословенските контексти.
  3. Авторите и авторките можат да испратат најмногу два кратки раскази.
  4. Расказот не смее да биде подолг од 9.000 карактери (со празни места).
  5. Расказот треба да биде напишан на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик (се подразбираат и другите називи на овие јазични групи, како на пример српско-хрватски јазик) и потпишан со шифра. Документот во кој се наоѓа расказот да биде именуван со насловот на расказот.
  6. Расказот не смее да биде претходно објавуван, интегрално или во склоп на некоја поголема целина.
  7. Конкурсот се затвора на 14. 06. 2017. година.
  8. Со учеството на конкурсот авторите и авторките се согласни нивниот расказ, ако влезе во тесниот избор, да биде објавен во Бибер збирката.
  9. Доколку расказот не ги исполнува условите на конкурсот, ќе мораме да го дисквалификуваме.